Ковид-19

Охрид: Големиот број имунизирани лица го амортизираа четвртиот бран од пандемијата

25.10.2021 13:43

Охридските лекари полесно се справија со четвртиот бран на пандемијата поради тоа што околу 63 проценти од населението се вакцинирало. Во моментов во Инфективното одделение и во модуларната болница се хоспитализирани само девет лица што придонесе општата болница повторно да функционира во нормални услови.

Охрид спаѓа во редот на македонските градови каде што е најголем процентот на вакцинирани лица. Според последните податоци околу 63 проценти од граѓаните се имунизирани, а се е поголем интересот за примање на трета доза што и денеска беше видливо на вакциналниот пункт во рамките на Општата болница. Ревакцинацијата се одвива со Синовак, Астразенека и Фајзер додека вакцинацијата главно со Фајзер.

„После донесување на одлуката на Националниот комитет за имунизација за граѓаните да можат да се вакцинираат со трета доза, оние кои што ја примиле кинеската вакцина после три месеци од примање на втората доза, додека после примање на другите вакцини, тоа се Синовак, Спутник или Фајзер можат да се вакцинираат после 6 месеци“, изјави д-р Соња Мариноска, Здравствен дом Охрид.

Состојбата со корона пандемијата во Охрид е стабилна. Во моментов во Општата болница се хоспитализирани девет пациенти, од кои седум се на кислородна подршка.

„Со оглед на високиот процент на вакцинирани лица од нашата општина релативно лесно го помина Општата болница овој 4 бран со тие максимален број 50 примања, така што се надевам дека нема да имаме дополнително големи осцилации или големи пикови и дека ќе почне да имаме некоја надолна линија. Целата болница е вратена да речам во нормално ниво“, изјави д-р Горан Балевски, директор на Општа болница- Охрид.

Лекарите апелираат граѓаните да се имунизираат бидеќи високиот процент на вакцинирани придонесе да биде амортизиран четвртиот бран од пандемијата, за разлика од третиот кога имаше од 120 до 160 хоспитализирани лица.

 

Сашо Нелоски