ВМРО-ДПМНЕ објави нови пораки, СДСМ со контраобвинувања
ВМРО-ДПМНЕ објави нови пораки од Вибер групата. Бил правен список на возила, се измислувале прекршоци. Полицијата на било кој начин не е дел од таква наводна операција – велат од МВР. СДСМ со контраобвинувања. Опозициската партија се заканува со реваншизам онаму каде што добија градоначалници. Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности ги разгледува добиените сознанија. Доколку се утврдат прекршувања на законот, навремено ќе постапат велат од Обвинителството...

Институциите не смее да се користат за партиски притисоци – опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави нови пораки од вибер групата која во изборната кампања во Прилеп правела, како што велат, црни списоци на автомобили кои треба да се исклучат од сообраќајот, правела листи за гласање, а давала и наредби за физичко следење и пишување измислени прекршоци за луѓе кои не биле симпатизери на СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат-лицата од групата биле луѓе на министерот Спасовски.
„Наместо во име на законот, тие делувале во име на партијата на власт. Ваквата параполициска партиска формација во служба на СДСМ вршела брутална злоупотреба, а освен раководството и командирите на Прилепската полиција, во нејзе учествувале и лица од најблиското опкружување на Оливер Спасовски. Оваа група, која според тоа што имаме на увид била под команда на Кире Китаноски од МВР, човек на советникот на Оливер Спасовски, Оливер Лукароски и истата целосно се ставила во партиска функција на СДСМ“, изјави Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката СДСМ, целосно го негираа случајот, но излегоа со контраобвинувања. ВМРО-ДПМНЕ врши притисоци и се заканува со реваншизам онаму кадешто добија градоначалници, рече Петровска, која објави и фотографии и пораки. За тоа, додаде Петровска нема ниту осуда ниту реакција од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека СДСМ е на власт вие ќе бидете заштитени, а нивните закани ќе им останат само на уста изговорени. СДСМ и демократските институции на државата се гарант за заштита на народот од насилниците. Но, за да се запре овој налет на обидот да се врати режимот и да им се стави СТОП на нивните закани за репресија, мораме да се обединиме и да излеземе во недела да гласаме.Да гласаме за да си ги заштитиме граѓаните и државата од нови внатрешни насилства, конфликти, омрази, делби и одмазди“, изјави Славјанка Петровска од СДСМ.
По наводите од ВМРО-ДПМНЕ и од МВР демант за вмешаност на полицијата во изборите.
„Во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало. Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква Вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку Вибер групи“ – се вели во соопштението од МВР.
Од јавното обвинителство велат дека Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности ги разгледува добиените сознанија и доколку се утврдат прекршувања на законот, навремено ќе постапат.
Анита Димитријевска Велковска
