Изборни активности

Уште четири дена кампања пред вториот круг од локалните избори

26.10.2021 09:13

Кандидатите за градоначалници и денеска продолжуваат со своите ветувања пред граѓаните за изградба на инфраструктурни објекти, решавање на комуналните проблеми, бесплатен превоз, почист воздух и животна средина...

На четири дена до завршувањето на кампањата пред вториот круг на локалните избори, учесниците во изборниот процес ги продолжуваат активностите, презентирајќи ја својата програма пред граѓаните. Кандидатите за градоначалници и денеска продолжуваат со своите ветувања пред граѓаните за изградба на инфраструктурни објекти, решавање на комуналните проблеми, бесплатен превоз, почист воздух и животна средина.

Од друга страна, дел од партиите веќе  јавно се изјаснија на кого ќе ја дадат поддршката во вториот круг. Од „Беса“ вчера ги повикаа своите гласачи да ја дадат поддршката за кандидатите на Алијанса на Албанците, а истото го сторија и од Алијанса на Албанците. Ова, како што изјавија од двете партии, го прават за да ја симнат ДУИ од власта.

Ваквиот став на „Беса“ според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, не значи дека е ставена под знак прашалник владината коалиција. Заев вчера оцени дека владината коалиција е стабилна и дека легитимно право е на секој да се бори за гласови. Не го разочарало ниту тоа што коалиционите пратнери ЛДП и ДОМ јавно не ги повикале своите поддржувачи да дадат поддршка во вториот круг за кандидатите од коалицијата на СДСМ. Во вториот круг верува дека СДСМ ќе има видлива победа и очекува разлика во корист на СДСМ во Скопје, Чаир, Карпош и Центар.

Во вториот круг, онаму каде нема свои кандидати, СДСМ ќе ги поддржи кандидатите на коалиционите партнери, а онаму каде има кандидати и од ДУИ и од БЕСА, оставаат граѓаните да одлучат по своја волја.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја реафирмираше поддршката за кандидатите на Алијанса на Албанците и Алтернатива. Од партијата најавија дека во местата каде немаат свои кандидати во вториот круг, ќе ги поддржат кандидатите од опозицијата.