Аграр

Нова стратегија за земјоделските задруги

26.10.2021 09:24

Подготвена е првата стратегија за задругарството. Нацрт- верзијата, направена со помош на Европската унија ја помина на јавна расправа. Целта е да се подобри нивното работење бидејќи бројот на задругите во нашата земја се зголемува, а поволностите од здружувањето на земјоделците се веќе познати и успешно функциунираат во многу други држави.

Генерално, домашните земјоделски задруги не можат да обезбедат доволни количества и соодветен квалитет на производи. Нивната преговарачка моќ е слаба, и се под големо влијание на трговците и посредниците, кои ги диктираат условите и за набавката на материјалите и за продажбата. Вака е оценето нивното функционирање во нацрт стратегијата за земјоделски задруги направена  со помош на европската унија.

Малите и разделени земјоделски задруги не се ефикасни. Нивниот сегашен  удел се проценува дека е помалку од 1 процент во домашното земјоделско производство. Имаат малку членови,  во просек 12 кои не секогаш ги нудат своите производи во задругата. Честопати повеќе сакаат самите директно да го продадат најдобриот квалитет, а на задругите да им ги доставуваат производите од пониските класи.

Ова носи лоши резултати и послаба позиција на зеадругарите во преговорите со партнерите. Причината, според експертите е во малото членство, иако секоја година нивниот број расте и веќе има 66 регистрирани  задруги. Здружување на земјоделците е растечки тренд во светот. Креирањето ваква стратегија за поголема ефикасност на Македонскиот агросектор е со цел поуспешно да се следи овој модел на земјоделското и на производството на храна.

 

Методија Трајков