Тенис мастерс 1000 – Мајами

Надал – Ѓоковиќ, 40-та епизода од тениската класика!

30.03.2014 14:11

Модерната ера на тенисот постојано има некоја голема пресметка, но статистички ривалството меѓу Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ е најбогатото. На 40-от дуел како да му беше потребно дополително време за кревање на адреналиот, па и двајцата тенисери без полуфиналиња се пласираа во мечот за трофејот на вториот сезонски мастерс од серијата 1000, Мајами.

Модерната ера на тенисот постојано има некоја голема пресметка, но статистички ривалството меѓу Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ е најбогатото. На 40-от дуел како да му беше потребно дополително време за кревање на адреналиот, па и двајцата тенисери без полуфиналиња се пласираа во мечот за трофејот на вториот сезонски мастерс од серијата 1000, Мајами.

Во новата тениска класика Рафа ќе влезе со подобар ефект од 22 победи, но од 17-те триумфи Ноле оствари 13 на омилената и брза подлога на којашто се игра и во Грандон парк во Ки Бискејн. Во ситуација кога тактичките изненадувања се речиси невозможни, кога и двајцата тенисери знаат во каква форма се и колку можат и тие и противникот, бројките коишто не мора ништо да значат, се најдобриот вовед.

Со 26 мастерс титули Шпанецот е рекордер, но Мајами е една од трите „илјадарки“ кадешто никогаш не освоил трофеј. Надал ги загуби трите финалиња, 2005, 2008 и 2011-та токму од Србинот кој беше подобар и во четвртфиналето во 2007-та којашто е неговата првата шампионска година. Со победите и во 2011-та и во 2012-та и со три пехари во Мајами, Ѓоковиќ е најуспешниот меѓу активните тенисери. Најмногу трофеи има Андре Агаси шест, Пит Сампрас собра четири.

Мастерсите се резервирани за надобрите двајца тенисери во светот, па традицијата вели дека на десете, почнувајќи од Монте Карло минатата сезона, победувале или Надал или Ѓоковиќ кому му припаднаа последните четири. Дека турнирите што носат по 1000 бодови се многу важни покажува фактот дека оној што освоил најмногу во сезоната завршувал на првото место на АТП ранг листата на крајот на годината.Трипати тоа му успеваше на Рафаел, двапати на Новак, еднаш на Роџер Федерер.

Постојана причина за возбудувања во дуелите меѓу Надал и Ѓоковиќ е трката за тенискиот врв. Минатата година Надал го прескокна Мајами, Ѓоковиќ беше елиминиран во четвртфиналето, па и двајцата ќе приграбат нови бодови. Ако триумфира, Надал ќе ја зголеми предноста на 2720, додека во случај на славје на Ѓоковиќ разликата ќе се спушти на 1920 бода.

„Ѓоковиќ ме принудува да играм до крајниот лимит, само така можам да го победам“  е изјавата на Шпанецот која најдобро најавува каков дуел претстои во 20-то меѓусебно финале, 11-то од мастерс серијата. Преносот од финалето во Мајами, меѓу Надал и Ѓоковиќ ќе биде на МРТ собранискиот сервис во 20 часот и 30 минути.