Мето Јовановски добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на „Киненова“
За режисерите, неговиот лик и продорен поглед се податни за варијации и актерски трансформации, напишаа филмските критичари за големиот актер.

Највисоката награда за особен придонес во филмската уметност на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ ќе му се врачи на актерот Мето Јовановски - актер со особена препознатливост, без разлика дали е на театарската сцена или на филмското платно.
За режисерите, неговиот лик и продорен поглед се податни за варијации и актерски трансформации, напишаа филмските критичари за големиот актер.
Мето Јовановски се појавува во над 60-тина филмски и телевизиски наслови. Неговите незаборавни улоги се во филмовите – „Најдолгиот пат“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“, „Пред дождот“, „Тетовирање“, „Време води“, „Пресуда“, „Оловната бригада“.
За своите театарски, филмски и телевизиски актерски остварувања ги има добиено највисоките државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“...
Наградата на Мето Јовановски ќе биде доделена утре вечер, за време на отворањето на фестивалот, а потоа во негова чест, ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“.
Инаку, оваа година „Киненова“ освен наградата за Мето Јовановски, ќе додели уште две награди. Постхумно ќе бидат доделени наградите за особен придонес во филмската уметност на Сабина Ајрула – Тозија и Љупчо Тодоровски – Упа.
