Ковид-19

Велес при врвот според бројот на активни случаи со Ковид-19 во земјава

26.10.2021 14:27

Според бројот на активни случаи на лица со корона вирусот, Велес е трет во земјава. Од друга страна се вратија редиците и гужвите за вакцинација во Велес, во Здравствениот дом. Бројни граѓани чекаат да се вакцинираат со трета доза за заштита од Ковид-19...

Велес и велешко се при врвот по бројот активни случаи на лица со корона вирусот во земјава. Во бројки заклучно со вчерашниот ден, имаше 309 случаи, со што е на трето место по вкупниот број, после Скопје и Куманово. Добрата вест е што во трите ковид одделенија од велешката Болница нема толкав број на пациенти, споредено со активните. Таму освен пациенти од Велешко, згрижени се и пациенти од Свети Николе.

Се вратија редиците и гужвата за вакцинација во Велес во Здравствениот дом. Бројни граѓани чекаат да бидат вакцинирани со трета доза против Ковид-19. Ги имаа од сите старосни групи, но повеќето се од повозрасната. Осетно е зголемен интересот за аплицирање на трета доза вакцина. Вчера за пет часа неа ја примиле 364 лица. Oсвен здравствените работници ја примаат и граѓаните кои се вакцинирани со било која кинеска, две дози, а се поминати три месеци од втората.

Поради зголемениот интерес наскоро се најавува дека ќе продолжи вакцинирањето на граѓаните во домашни услови, за лица неподвижни, болни или со попречености со трета доза но ако има заинтересирани и со прва.

Од друга страна, изминатите две седмици од последиците на корона вирусот во велешката болница починаа 16 пациенти, или досега вкупно 214 лица од велешко. Опфатот со вакцинацијата во општината е 52 отсто.

Петар Печков