Економија

Презентиран планот за забрзан економски раст

26.10.2021 15:49

Креирање нови работни места, просечни годишни стапки на раст на БДП од пет проценти, намалување на јавниот долг под 60 насто. Владата на седница го усвои планот за наредните пет години. Најавени јавни инвестиции од четири милијарди евра и мобилизирање дополнителни осум милијарди приватен капитал...

Владата усвои план за забрзан економски раст за наредните пет години со просечни годишни стапки од пет проценти. Премиерот Заев рече дека целта е во наредниот период да се достигне ниво како во земји- членки на ЕУ. Во пресметките, намалување на јавниот долг под нивото од 60 проценти, како и капитални јавни инвестиции од четири милијарди евра и дополнителни осум милијарди коишто би биле мобилизирани како приватен капитал. Невработеноста од сегашните 15,8 да падне на околу 8 проценти, очекува Владата.

„Планот за забрзан економски раст ќе поддржи инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, а ќе се концентирани во повеќе приоритетни области како зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичка инфраструктура и човечки капитал, како и социјална кохезија“, изјави премиерот Зоран Заев.

Планот за забрзан економски раст е основа за заздравување на економијата по пандемијата, велат надлежните. Предвидуваат заеднички вложувања со партнери, развој на инфраструктурата,  зелени обврзници за инвестиции во јавен сектор. Шест и пол пати поголемо кредитирање за приватни инвестиции.

„Предвидени се развојни обврзници преку кои ќе се обезбеди финансирање на развојни проекти од национално значење, потоа проектни обврзници кои ќе се нудат за да поттикнат инвеститори да се вклучат во финансирање на поспецифични развојни проекти, како и обврзници индексирани за инфлација кои ќе бидат еден вид на долгорочни државни хартии од вредност издадени од Министерството за финансии. Средствата што ќе бидат обезбедени преку овие обврзници ќе одат за инвестиции за јавниот сектор“, нагласи министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Планот за забрзан економски раст 2022-2026 е изработен во консултации со меѓународните финансиски институции, коморите и експерти.

 

Ирина Гелевска