Локални избори

Мицкоски: В недела излезете на гласање и слободно изразете ја својата волја

26.10.2021 17:01

„В недела излезете на гласање и слободно и независно од какви било притисоци изразете ја својата волја“, повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Кичево. Тој рече дека власта е слаба и затоа посегнува кон злоупотреба на моќта на државата. „Луѓето коишто работат за плата не смее да бидат мета на политички прогон“, изјави Мицкоски кој од Кичево замина во поддршка на кандидатот за градоначалник на Гевгелија.

Поради стравот од пораз, СДСМ и ДУИ водат брутална кампања против ВМРО-ДПМНЕ за да се оцрнува нашата партија, разгорувајќи етнички тензии, велејќи дека сме биле националисти, истакна лидерот на партијата на митингот во Кичево. Тоа го прават, додаде Мицкоски, само затоа што фотелјата и тие пусти пари, слава и моќ им се важни. Најголем непријател во моментов на етничките односи, се СДСМ и ДУИ, бидејќи според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, сложно си го бранат криминалот. Мицкоски рече дека од власта велеа оти ќе не носат во ЕУ, ќе формирале ефикасни институции, но наместо тоа формираа злосторничко здружување од полицајци кои наместо во име на законот да ловат криминалци, ловат противници на власта.

„Ќе има „game over“ за Заев затоа што народот го прочита затоа што дека волкот влакното го менува карактерот не. И затоа што нема „game change“ кога веднаш до него се Венко Филипче во чиј мандат починаа повеќе 7.000 луѓе од корона додека тој трчаше да бара провизии во светот. А, 14 живи изгореа во модуларната болница во Тетово. И додека до него е и Љупче Николовски - Путерот кој е министер за борба против корупција, во најкорумпираната влада во Европа нема да има „game change“. Мојата порака до вас е, свесен сум за сето ова кое што го преживувате, но зад параванот сте сами вие и вашата волја, вие и вашата желба за промени. Затоа што промените започнаа, и ајде сега сите заедно да ги финишираме со голема победа во недела на народот на Македонија. Македонци и Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, леви и десни, да се обединиме и заедно да победиме“, изави Мицкоски.

Народот покажа дека сака промени, дека избира чесност, а не корупција и расипништво, рече кандидатот за градоначалник Александар Јовановски. Вети дека како иден градоначалник ќе расчисти со корумпираните, и ќе ги решава проблемите, за да се спречи трендот на иселување од Кичево. Тој додаде дека кон реализација на ветените проекти ќе се пристапи веднаш и без одлагање, со тенденција да се остварат и пред зададените рокови. Затоа ја барам вашата поддршка, рече Јовановски.

Кандидатот за градоначалник на Гевгелија Андон Сарамандов се заблагодари до сограѓаните кои гласале за него во првиот круг, но во недела се надева и на гласови од оние што не биле за него во првиот круг. Повика на масовност и поддршка на промените.

Сарамандов вели дека има простор за развивање на локалниот, но и на регионалниот економски развој. Планирам унапредување на соработката на компаниите и да имаат заеднички настап на трети пазари, потенцира кандидатот за градоначалник на Гевгелија Сараманов. Тој истакна дека ќе бара и трајно решение за градската депонија, а најави и други проекти.

 

Милчо Велески