Локални избори

Кандидатите за градоначалници од СДСМ со нови проекти во трка по глас повеќе

26.10.2021 17:17

Претендентот за нов мандат како прв човек на Скопје, Петре Шилегов најави опремување на планетариумот по најнови технолошки стандарди и развој на главниот град. Кандидатот за градоначалник на Центар, Герасимовски рече дека секој ден ќе одвојува по еден час за средба со граѓаните, Кондовски од Битола вети одржување високо ниво на јавната комунална хигиена, а кандидатот за Куманово вети нови градинки...

Планетариумот ќе го опремиме со современа техничка опрема, ќе извршиме целосна реконструкција, обнова на ентериерот и на вентилацијата, најави кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Петре Шилегов. Тој рече дека во неговата четиригодишна програма е планирано МКЦ повторно да биде место кое ќе може рамноправно да се носи со останатите културни центри во Европа.

Со критики до неговиот политички опонент, Шилегов рече дека сега во Скопје помирно се живее за разлика од минатото. Кандидатот за градоначалник на Центар, пак, Горан Герасимовски најави отворени врата на Општината и секојдневна комуникација со граѓаните. Доколку ја освои довербата на центарци, тој најави дека на нив ќе им биде на располагање и онлајн апликација за учество во работата на локалната самоуправа и дигитализација на услугите.

Преку тој систем според Герасимовски, граѓаните би имале увид во процесот на реализација на нивните иницијативи, предлози или предлог решенија за проблемите и за истите ќе добиваат одговор од службите во рок од 10 дена.

Во фокусот на кампањата на кандидатот за градоначалник на Битола, Христо Кондовски е оржувањето високо ниво на јавна комунална хигиена и развој на еколошката свест. Тој најави изградба на нова локација за одлагање на некомунален и неопасен отпад

Кандидатот за градоначалник на Кумунаво, Оливер Илиевски најави изградба на градинки, едната во населбата Тоде Мендол, и другата во населба Перо Чичо. Овие детски градинки ќе овозможат нов капацитет на прием на дечиња од предучилишна возраст и со нивната изградба значително ќе се намали листата на чекање за упис – рече Илиевски , кој додаде дека финанисрањето на изградбата на овие објекти ќе се врши дел од општински средства, а дел од министерството за труд и социјална политика.

Илиевски најави реконструкција на водоводната мрежа и на патиштата, изградба на тротоари, мини парк, како и мини шеталиште покрај поток Серава. Во неговата четиригодишна програма е предвидено и изградба на приклучок од автопат за улица Поток Серава.

Марина Стојанова Тонева