Изгаснат пожарот кај градскиот парк, во бараките нефункционални хидранти
И покрај нефункционалните хидранти, скопската пожарникарска бригада со шест возила и 20 луѓе успеа да го локализира пожарот што ги зафати бараките на поранешниот Суд за прекршоци и мал дел од околниот угостителски објект. На терен, увид за да се утврдат причините за огнената стихија. За среќа, нема повредени...

Бараките на поранешниот Суд за прекршоци во градскиот парк целосно изгореа во пожар. Пламените јазици и високиот чад ги вознемирија граѓаните на Скопје. Стихијата за брзо ги проголта старите простори поради лесно запаливиот материјал, но и поради немањето хидранти за гасење.
Пожарникарите интервенираа со шест протипожарни возила и 20 луѓе и успеаја да спречат пожарот да ги пеплоса и околните хотел и ресторан, којшто претрпеа само помала штета на покривот, како и спортската сака „Партизан“.
Нема повредени, ниту загинати од пожарот. Командантот на противпожарната бригада смета дека причина за пожарот во напуштените бараки е или електрична инсталација или бездомници, но тоа ќе ги покаже увидот на терен.
За еден месец ова е втор пожар во Скопје во напуштен објект во близина на угостителски објект. Претходно изгоре куќа во близина на ресторан во адвокатската улица.
Ирина Гелевска
