Три дена кампања до гласањето за вториот круг од локалните избори
Во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи в недела на 31-ви октомври, ќе се гласа во вкупно 44 општини. Остануваат уште три дена од предизборната камапања. Кандидатите ја презентираат програмата пред граѓаните со ветувања за подобар живот во општините...

Се засилуваат активностите и средбите со граѓани на кандидатите за градоначалници на локалните избори. Остануваат уште три дена од предизборната камапања во вториот круг. Кандидатите ја презентираат програмата пред граѓаните со ветувања за подобар живот во општините. Не изостануваат и меѓусебните обвинуваања.
В недела на локалните избори повторување на гласањето од првиот круг ќе има на две избирачки места – на 0543 во Дебар за градоначалник и на 2957/1 во Шуто Оризари за членови на советот. Управниот суд го поништи гласањето во овие две избирачки места откако тужби до него за одлуките на ДИК по приговорите поднесоа Алијанса на Албанците и Алтернатива и Движењето „Одлучно за промени“ предводено од ДОМ и ЛДП.
Во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи в недела на 31-ви октомври, ќе се гласа во вкупно 44 општини, а гласање нема да има во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во согласност со Законот за локална самоуправа ќе се организира повторување на гласањето.
