МНР

Данска и Италија со нови ковид- протоколи за македонските државјани

27.10.2021 11:19

Со најновата одлука на данските авторитети, нашите државјани ќе можат да влезат во Данска, без ограничувања или валидни причини но, потребно е да приложат валиден ЕУ дигитален сертификат. Со најновата одлука на италијанските власти, пак, не е дозволено туристичко патување за македонските државјани...

Данска ги олесни ковид- правилата за влез на државјаните на Република Северна Македонија.  Со најновата одлука на данските авторитети, нашите државјани ќе можат да влезат во Данска, без ограничувања или валидни причини но, потребно е да приложат валиден ЕУ дигитален сертификат кој што вклучува потврда за вакцинација (одобрени од ЕМА)/потврда за закрепнување (не постара од 12 месеци) или негативен ПЦР тест, информираат од МНР.

Со најновата одлука на италијанските власти, пак, Република Северна Македонија се преместува од листа Д во листа Е, со што не е дозволено туристичко патување за државјаните на Република Северна Македонија во Италијанската Република. Притоа на нашите државјани им се дозволува влез исклучиво за: работни потреби; апсолутна итност; здравствени потреби; потреби за студирање; враќање во својот дом или живеалиште.

Враќање или влез во Италија, се дозволува за оние државјани на Северна Македонија кои имаат регулирано долгорочен престој во Италија и за нивните членови на семејството. При влез или враќање во Италија од нашата држава задолжително е презентирање на: Пополнет онлајн формулар за локација (dPLF), негативниот резултат на молекуларен или антигенски тест покрај што сепак следува задолжителна самоизолација и здравствен надзор во период од десет дена. По десетте дена изолација, задолжително е да се изврши дополнителен молекуларен или антигенски тест.