Совет на Европа: Да се делегираат повеќе овластувања на локалната самоуправа
Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа денеска расправа за спроведувањето на Европската повелба за локална автономија од земјава. Едногласно е усвоена препорака со која се бара меѓудругото да се разјасни распределбата на надлежностите и да се делегираат повеќе овластувања на локалната самоуправа како дел од процесот на децентрализација...

Нашата земја ја ратификува Европската повелба за локална автономија во 1997 година. Денес, Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, расправаше за нејзиното спроведување од макеоднските национални регионални власти.
Известувачите, Харалад Бергман и Зденек Броз, нагласија дека при набљудувањето забележана е позитивна клима во однос на реформата за понатамошна децентрализација на земјата.
Тие ја поздравија важноста што ја дава владата на нејзината развојна стратегија, за што сведочи усвојувањето на нова програма за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026, што во своето видео обраќање го истакна и заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димовски.
Како и да е, извештајот изразува загриженост за истрајноста на недостигот на јасност во законот и практика во врска со распределбата на надлежностите, што доведува до преклопување.
Конгресот подвлекува дека локалните власти немаат доволно финансиски средства за остварување нивните задачи и дека општините продолжуваат да бидат во голема мера зависни од владините трансфери од централно на локално ниво. Во извештајот се забележува дека постои општа потреба да се зголеми усогласеноста со обврските за интегритет во локални номинации.
Во дебатата привлече големо внимание обраќањето на младинската делегатка од Северна Македонија во Конгресот, Моника Саздова, која нагласи дека како обичен граѓанин, забележала напредок во децентрализацијата. Но, таа како и нејзината колешка Балта Ламија, од Босна и Херцеговина Балта, особено инсистираше на потребата да им се даде перспектива на младите, за да останат во земјата и да не ја бараат среќата во странство. Тие притоа рекоа дека при вработувањето треба да се земат во предвид квалификациите на младите, а не непотизмот и политичките заслуги.
Во препораката усвоена едногласно се повикуваат властите на Северна Македонија да ја разјаснат распределбата на надлежностите и да се делегираат повеќе овластувања на локалната самоуправа како дел од процесот на децентрализација. За таа цел, националните власти мора да обезбедат соодветно и пропорционално финансирање да им се овозможи на општините да ги извршуваат новите задачи предвидени со закон, смета Конгресот.
Во препораката, понатаму се сугерира Владата на Северна Македонија да го зголеми уделот на општините во приходите на локалниот буџет и воведување на поширок систем на изедначување на нивните приходи.
На крај, националните власти се охрабруваат да ја зголемат дигитализацијата, да спроведуваат програми на градење капацитети на локално ниво и дополнително консолидирање на антикорупциските мерки.
Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ
