Од 15-ти ноември влез во објекти со сертификат за примени две дози вакцина
На последната седница Владата донесе одлука, од 15-ти ноември годинава е дозволен влез во секаков вид објекти од затворен или отворен тип само со примени две дози вакцини. Со сертификати за ревакцинација ќе може да се присуствува и на настани, концерти и ноќни клубови...

Од 15-ти ноември за влез во угостителски објекти граѓаните ќе треба да приложат сертификат за примени две дози на вакцина против Ковид – 19. Ваква одлука донесе Влада на последната седница.
Истото ќе важи и за влез во објектите на бензинските пумпи, обложувалници, казината како и во објекти кадешто се организираат концерти, семинари, состаноци, културни и спортски настани. Угостителите велат - оваа промена нема драстично да се одрази на нивната работа.
Ако не се вакцинирани, граѓаните може да покажат сертификат за прележана болест во последните 45 дена. Сепак, најголемиот дел од нив, ресторани и кафулиња посетуваат со потврди за завршена имунизација.
Во консултација со Комисијата за заштита од заразни болести, Владата одлучи да се дозволи одржување на курсеви, конференции и обуки во затворени објекти со исполнетост до 50 проценти од капацитетот на просторот, а истото ќе важи и за работа на баровите, ноќните клубови и објектите за прослави како свадби, родендени и крштевки.
Анита Димитријевска Велковска
