Политика

ВМРО-ДПМНЕ објави нови информации, од МВР велат- партијата шири невистини

27.10.2021 14:41

ВМРО-ДПМНЕ продолжи со објавување информации за како што велат, теророт и злоупотребата на институциите во изборни цели на СДСМ. Според партијата, полициски специјалци, во цивилна облека и цивилни автомобили вчера биле испратени во Битола. Внатрешната контрола на МВР утврди дека не се регистрирани пријавени за незаконско и непрофесионално постапување на полицајци. Од МВР велат, ВМРО-ДПМНЕ шири невистини...

ВМРО-ДПМНЕ објави нови информации за, како што велат, теророт и злоупотребата на институциите во изборни цели на СДСМ. Според партијата, полициски специјалци во цивилна облека и цивилни автомобили биле испратени во Битола, уценувале луѓе со работа и станбено прашање.

ВМРО-ДПМНЕ повторно во одбрана на криминалот, се обиде да саботира тајна полициска акција за апсење на наркодилери во Битола, реагираа од владеачката партија. Појаснуваат дека припадници на единицата „Тигар“ и на СВР Битола уапсиле две лица кај кои пронашле хероин.

„Со ваквите потези, со јавно објавување фотографии и имиња на вработени во МВР, Вмро-Дпмне се стави во директна одбрана на наркодилери од Битола. Додека полицијата апси и се бори против криминалот, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да саботира полициски акции и да брани криминалци, при тоа врзувајќи ги со дневна политика во страв од извесниот пораз што ги чека во недела“, велат Социјалдемократите.

Нема регистрирано пријава од граѓанин или правен субјект дека полицајци постапиле незаконски- констатирала внатрешна контрола при МВР по наводите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ за планирано физичко малтретирање од полициски службеници вработени во СВР Прилеп.

Од МВР апелираат, опозицијата да престане да шири невистини, а граѓаните во недела слободно да ја изразат својата волја.

 

Наташа Гркова- Петрушевска