Локални избори

Мицкоски: Победата е на дофат, граѓаните знаат за кого ќе гласаат

27.10.2021 15:27

На 31-ви октомври, скопјани ќе изберат поубав живот и модерно европско Скопје, порачаа од митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Лисиче. Лидерот Мицкоски се осврна на заканите и поткупот со кои се служат од СДСМ за победа на Шилегов, но посочи дека граѓаните знаат за кого ќе гласаат и дека ќе почне новата иднина.

„Кај Шилегов единствено нешто што му се гледа повеќе од ароганцијата е стравот дека ќе загуби“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Лисиче. Посочи дека  многу брзо ќе се постави прашањето како Шилегов стигнал до толкав имот за толку краток период. „Којзнае колку му е тешко кога мора пред камерите насилно да глуми скромен човек, а во реалноста видовме што мисли за народот“, истакна Мицкоски обвинувајќи дека само два дена пред првиот круг од изборите, Шилегов склучил договор со три кафеани за службени гоштевања и ручеци, за да обезбедел континуитет во работењето на градот.

„Одговорот на Заев и Шилегов на дебаклот кој што им се случи во првиот круг од изборите било да донесат струмичка екипа на бате Вице да работи на терен за Шилегов овде во Скопје. Ќе го освојувале Скопје, но овој пат со струмички сили. Да се разбереме немам ништо против овој преубав град од југоистокот на Македонија, немам ништо, напротив преубави, чесни и честити луѓе живеат таму, но имам против тоа кога криминалци од кланот на власт го валкаат изборниот процес и мислат дека се главни во Македонија“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека изборот на 31-ви октомври е помеѓу промени и хибридниот режим на власт, кој е неспособен да обезбеди ниту електрична енергија за граѓаните. Предупреди на недостиг и поскапа струја во зима.

Доаѓа големата победа на 31-ви октомври. Скопјани ќе изберат човек кој ќе ги застапува сите за поубав живот, за модерно европско Скопје, изјави кандидатката за градоначалник на Град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска на митингот во скопски Аеродром. Додаде, победата во вториот круг ќе биде поголема.

 

Ирина Гелевска