Локални избори

СДСМ од Куманово со порака за единство

27.10.2021 15:08

Куманово да продолжи да биде град на единство, обединување и победа, побара лидерот на СДСМ, Зоран Заев од жителите на кумановската населба „Гоце Делчев“. Нагласи дека по 30 години, Куманово не смее да дозволи да се врати режимот. Пред кумановци зборуваше и кандидатот за градоначалник, Оливер Илиевски, кој вети дека градот ќе биде чист, модерен и европски.

Модерен плоштад, стадион, три катни гаражи, две градинки, кеј, реконструкција на паркови, најдолга велосипедска патека и чисти и зелени населби, вети пред жителите на кумановската населба „Гоце Делчев“ кандидатот за градоначалник од СДСМ, Оливер Илиевски. Барајќи ја поддршката и презентирајќи ја програмата „Најдоброто за мојата општина“, Илиевски нагласи дека градот треба да се уредува и развива. Најави и изградба на спомен плоча на револуционерот Гоце Делчев.

„Ако владата можеше во изминатите четири години да даде 120 милиони евра за проекти околу Куманово, сега е време да издвои пари за Куманово сите ние да имаме подобри услови за живот и животна средина. Младите не сакаат да гледаат ѓубре, сакаат паркинг места, шеталиште“ - рече Илиевски.

Поддршка од кумановци побара и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој укажа дека Куманово ќе продолжи да чекори по прогресивниот пат. Се извини што пред четири години згрешил со изборот со Максим Димитриевски, кого го обвини за коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Нагласи дека Владата никогаш претходно повеќе не вложувала во Куманово.

„ Ние за четири години сите плати во просек ги покачивме за 6.000 денари. Дупката во фондот повеќе ја нема.  Ги покачуваме пензиите постојано. Успеавме и во време на пандемија да расте просечната плата и да се намалува стапката на невработеност“- истакна Заев.

Обраќајќи им се на кумановци повика на единство, обединување и победа.

 

Елена Георгиевска