ДИК го презеде избрачкиот материјал за вториот круг од локалните избори
Претседателот на ДИК, Даштевски уверува дека во вториот круг нема да има проблеми со користењето на читачите на отпечатокот од прст, како што беше случајот на 17-ти октомври...

Државната изборна комисија денеска ќе ги дистрибуира гласачките ливчиња и изводите од избирачкиот список за вториот круг од локалните избори до Oпштинските изборни комисии. Од битолската печатница „Киро Дандаро“ беа подигнати милион и 600 илјади ливчиња. Утре ќе се доставуваат терминалите за отпечатоци од прсти.
Претседателот на ДИК, Даштевски уверува дека во вториот круг нема да има проблеми со користењето на читачите на отпечатокот од прст, како што беше случајот на 17-ти октомври.
Лично сметам дека вториот круг ќе се реализира во најдобар ред и побрзо. Намалената динамика на избирачкиот процес на одредени избирачки места во првиот круг, предизвикана од новата технологија и употребата на фингерпринт во вториот круг ќе биде подобрена за што ДИК спроведе дополнителна обука. Но, ние за вториот круг ангажиравме над 400 лица кои ќе ги има на гласачките места и ќе бидат задолжени за техничка поддршка и помош со цел да нема пречки во процесот на гласање. Првото искуство ни овозможи во вториот круг да влеземе по подготвени, а и избирачкиот материјал е помал, изјави Даштевски.
Избирачите кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19, и избирачите на кои им е одредена мерка- самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат, правото на глас ќе може да го искористат во сабота. На 30-ти гласаат болните, немоќните и затворениците.
Вториот круг од локалните избори ќе се одржи во недела, на 31-ви октомври.
