Локални избори

Шилегов смета дека Арсовска не ја говори вистината, таа вели- против мене се води црна кампања

28.10.2021 14:08

Кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ, Петре Шилегов смета дека неговиот противкандидат не ја говори вистината за бугарското државјанство. Последниве денови против мене и моето семејство се води црна кампања, но оние кои го прават тоа покажуваат ароганција и слабост, одговори независната кандидатка за градоначалник поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса- Алтернатива, Данела Арсовска...

Никој не заслужува да биде предмет на монтажи, фалсификати и продуцирани видеа за да се исмеваат со него и никој во Македонија не заслужува вакво понижување и навредување – изјави независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска по објавите на СДСМ дека таа и нејзиниот сопруг имаат бугарски лични документи. Арсовска вели - со црната кампања против неа, нејзините противници сакаат да ги скријат сопствените криминали.

Каква иднина може да очекуваме од човек што го крие своето минато- праша кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ, Петре Шилегов. Тој вели дека неговата противкандидатка не ја говори вистината, а крајот на кампањата покажал дека Арсовска е, како што рече – една голема измама.

Изборната кампања завршува во петок на полноќ. Во недела жителите на Скопје ќе изберат на кого од овие двајца кандидати ќе му ја дадат довербата да раководи со градот во наредните четири години.

 

Анита Димитријевска- Велковска