Претставен новиот Стратешки зелен инвестициски фонд на ТИРЗ

28.10.2021 15:00

Нов стратешки зелен инвестициски фонд на ТИРЗ се креира во рамки на Планот за забрзан економски раст на Владата. Истиот ќе биде наменет и за домашни и странски инвеститори, со фокус за средни и големи компании...

Нов стратешки зелен инвестициски фонд на ТИРЗ се креира во рамки на Планот за забрзан економски раст на Владата. Истиот ќе биде наменет и за домашни и странски инвеститори, со фокус за средни и големи компании. Концептот за фондот го развиваа заедно ТИРЗ и Светската банка во изминатите девет месеци.

Структурата и начинот на функционирање на фондот денеска го претставија министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

„Логиката на самото финансирање е дека инвестираме во проекти кои генерираат конкретни приходи кон ТИРЗ и инвеститорите. Нашата цел е да се искористат дел од овие приходи за да поттикнеме вакви инвестиции. Фондот е димензиониран да поттикне 750 милиони евра инвестиции во наредните 4 години, да додадеме 1% дополнителен раст на БДП на сегашниот, и уште поважно да се креираат најмалку 15.000 добро платени работни места, како и значително зголемен извоз од плус 2 милијарди над сегашниот. Имаме реални цели кои можеме да ги исполниме во наредните 4 години со ваков начин на паметно финансирање“, рече Деспотовски.

Tој посочи и дека веќе се во фаза на реализација два вакви големи проекти кои треба да се финансираат преку овој Фонд. Веќе се подготвува студија на одржливост за инсталирање на фотоволтаични централи во ТИРЗ и креирање на посебна технолошко развојна зелена зона за која една од можните локации е Гевгелија.

Целите на новиот фонд се олеснето финансирање на приватниот сектор за транзиција кон модерна, ефикасна и компетитивна економија со нула емисија на стакленички гасови до 2050-та.