Мицкоски: Волјата на народот ќе се верификува в недела
Покриен пазар, реконструкција на улицата „Македонија“ и субвенциониран јавен превоз од Злетово до Пробиштип им вети на жителите на Злетово кандидатот за градоначалник на Пробиштип од ВМРО- ДПМНЕ. Мицкоски порача дека волјата на народот се виде во првиот круг, а в недела истата ќе се верификува...

Мислеа дека се семоќни, но покажавме дека не се непобедливи и дека не се најдоброто ниту за Пробиштип ниту за Злетово. Време е за промени и нова локална власт со која Злетово ќе добие современ покриен пазар, обновена главна улица и фудбалско игралиште, кеј на Злетовска река и исправен колекторски систем- порача кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ. Жителите на село Рудари ќе добијат нов водовод, во село Ратавица се планира ново детско игралиште, во село Добрево нови улици. Добар дел од програмата е посветена на задржување на младите во овој крај.
Власта е во паника, го потцени народот, даваат нереални ветувања, се служат со поткуп и уцени, но волјата на народот се виде во првиот круг, а во вториот тоа ќе биде и верификувано, порача Мицкоски од Злетово.
Пробиштип ќе биде дел од промените кои доаѓаат. 31-ви октомври е денот кога гласот на народот е најсилен – е пораката од мини митингот во Злетово на коалицијата „Обнова на Македонија“.
Славица Величковска
