Локални избори

Заев повика на гласање: Да не дозволиме да завладеат неизвесноста и опасноста

28.10.2021 15:43

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во видеопорака до граѓаните повика на масовна излезеност в недела, на вториот круг од локалните избори, за, како што вели, да не дозволиме со земјата и со градовите да завладеат неизвесност и опасност...

Демократска и современа држава, меѓународно етаблирана, партнер со големите сили, стабилна, мирна и просперитетна, ова е правецот по кој треба да се движиме, порака од лидерот на СДСМ, Заев. ЕУ интеграцијата ни е на дофат, ако останеме на прогресивниот автопат кој води до демократски и европски стандарди и вредности, вели Заев. Според него модерниот патриотизам во 21 век не значи измислување нови идентитети, градење лажни митови и бели палати. Современиот патриотизам значи поглед напред.

„Во недела носиме одлука – ќе продолжиме напред со научените лекции или ќе дозволиме со земјата и со градовите да завладејат неизвесност и опасност? Во недела правиме избор помеѓу искрени политичари, кои не се безгрешни секако, но народни и отворени, или пак, оние другите, политичари без став, со скриени агенди, бранители на криминалот, политичари со кои не знаеш на што си, опасни за државата“, вели во своето обраќање претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

За кандидатот за градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Герасимовски урбанизмот е највисоко на листите приоритети за кои мора да се најдат решенија. Уверува дека нема да дозволи ниту една педа од државното земјиште нема да биде злоупотребено.

Нашата програма не е листа на желби туку план за работа во четиригодишниот мандат рече кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ, Илиевски.

Илиевски потенцираше дека од првиот до последниот ден ќе се посветат на реализација на сите проекти од програмата.

 

Ана Јосифоска Тодоровска