Локални избори

На полноќ почнува изборниот молк

29.10.2021 09:55

Заострена реторика пред финишот на предизборната кампања. Меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата. Изборниот молк почнува на полноќ и ќе трае заклучно со 19 часот на 31-ви октомври...

Последен ден од предизборната кампања за вториот круг од локалните избори. Изборниот молк почнува на полноќ и ќе трае заклучно со 19 часот на 31-ви октомври. Партиите ги користат последните адути и шанси за уверување на гласачите, да го дадат гласот за нивниот кандидат.

Втор круг в недела ќе се гласа во 44 општини. Прегласување ќе има во Шуто Оризари и на едно избирачко место во Дебар. И за овој круг гласањето в сабота го почнуваат болните и изнемоштените, оние кои се во ковид изолација и лицата со право на глас во казнено-поправните установи.

Партиските лидери и кандидатите за градоначалници последните денови од кампањата ги користат да ги повикаат граѓаните во општините каде што се гласа, масовно да излезат и да го искористат своето демократско право, но исто така сведоци сме на засилување на реториката на одредени кандидати и обиди за дискредитација.