Од полноќ изборен молк, в недела ќе се гласа во 44 општини
На полноќ почнува изборниот молк за вториот круг локални избори. Партиите ги користат последните адути и шанси за уверување на луѓето да го дадат гласот за нивниот кандидат. Втор круг в недела ќе се гласа во 44 општини. Избирачкиот материјал е доставен до општинските изборни комисии. Се доставуваат и терминалите за отпечатоци од прсти...

Во вториот круг од локалните избори в недела ќе се гласа во 44 општини. Право на глас имаат 1.353.990 избирачи на 2.481 избирачко место. Гласањето почнува во сабота кога се изјаснуваат болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација.
Според податоците на ДИК ќе гласаат 1.409 затвореници, 266 лица во 13 старски домови и шест внатрешно раселени лица. Од Државната изборна комисија потврдуваат дека сѐ е подготвено и во вториот круг се очекува гласањето да се одвива без проблеми и непречено.
Од ДИК информираат дека во прв круг ќе се прегласува на по едно избирачко место во Дебар и Шуто Оризари. Повторување на гласањето ќе има затоа што Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места.
Во недела нема да се гласа за градоначалник во Маврово- Ростуше и Центар Жупа. Во овие две општини ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа.
Избирачкиот материјал е доставен до Општинските изборни комисии. Се доставуваат и терминалите за отпечатоци од прсти.
Првпат на локалните избори се применуваат терминали за биометриска идентификација на гласачите, а ќе се применуваат и општите мерки за заштита од Ковид-19. Од германската компанија „Дермалог“ беа набавени 4.000 терминали.
Дијана Ценевска
