Рим

Климатските промени во фокусот на самитот на Г20

29.10.2021 12:45

Климатските промени меѓу главните теми на средбата Г20 во Рим. Обединетите нации очекуваат поамбициозни планови од богатите држави. Според последните проценки, над 90% од помалку развиените веќе поднесле предлози за спас од последиците на климатските промен...

Силно полициско обезбедување во Рим поради најавените протести за време на претстојниот самит на дваесетте најразвиени земји во светот. Покрај економијата и пандемијата со Ковид-19, меѓу главните теми на агендата е и ограничувањето на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови.

Државите кои се одговорни за над 75 отсто од емисиите на штетни гасови се обидуваат да дејствуваат обединето пред Светската климатска конференција во Глазгов. Според Обединетите нации, дури 93% од помалку развиените земји веќе поднесле или подготвуваат поамбициозни планови за климата. За разлика од нив, некои од најмоќните сè уште не се придржуваат ни до основните принципи на Парискиот договор.

„Политичарите кои носат одлуки и кои ќе се сретнат во Глазгов итно да донесат ефикасни одговори на еколошката криза за да им се даде надеж на идните генерации. Важно е да се запомни дека секој од нас може да игра улога во менувањето на колективниот одговор на заканата од климатските промени и деградирањето на нашиот дом“, изјави Папа Франциск.

„Климатскиот состанок КОП26 мора да биде пресвртница. Сите земји мора да се обврзат на нулта емисија до средината на веков и да претстават јасен, веродостоен и долгорочен план за негова реализација“, нагласи Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

Самитот за климата во Глазгов ќе трае до 12 ноември. COP26 вклучува речиси 200 земји, но блокот Г20, во кој се и Бразил, Кина, Индија, Германија и Соединетите Американски Држави, е доминантна сила. Нему му припаѓаат над 80% од светскиот бруто-домашен производ и 60% од светското население.

 

Маја С. Филдишев