Судот ја одложи главната расправа за случајот со струшката депонија
Струшкиот суд ја одложи главната расправа за судскиот процес за депонијата. Одложувањето следува после приговорите на Министерството за животна средина, локалната самоуправа и Јавното комунално претпријатие кои спорат дека струшкиот суд нема надлежност да одлучува по граѓанската тужба...

Четвртото рочиште за граѓанската тужба против струшката дива депонија е одложено. Тужените, Министерството за животна средина, локалната самоуправа и Јавното комунално претрпијатие бараат судот да се изјасни како ненадлежен за овој судски процес. Од Здружението на млади правници, велат согласно позитивните прописи и Уставот, државата има обврска да обезбеди право на здрава животна средина, а надлежноста е прашање кое судот го утврдува пред почетоткот на судскиот процес.
„Кога судот ќе ја прими тужбата судот по службена должност одлучува дали е стварно надлежен или не. Така да малку е чудно симптоматично што судот после 4 то рочиште за главна расправа одлучи да одлучува по ова прашање“, вели Глигор Ќатоски, застапник на Здружението на млади правници.
Здружението млади правници смета дека судот ќе се изјасни во интерес на граѓаните.
„Наша претпоставка е дека судот ќе донесе одлука заснована врз закон и во интерес на граѓаните, во чие име ќе ја донесе таа одлука“, додава Ќатоски.
Судскиот процес за дивата депонија во Струга засега е одложен на неодредено време се додека судот не се произнесе во однос на приговорите дали има стварна надлежност.
Соња Рилковска
