Растат приходите од концесиите за експлоатација на минералните суровини
Концесиските надоместоци по основ на експлоатацијата на минералните суровини ги полнат општинските каси

За само четири години наплатени се околу 27 милиони евра, а се вработиле 1290 лица. Според законот за минерални суровини општините добиваат 78 проценти, а 22 проценти одат во државниот буџет .
Концесиите за експлоатација на минерални суровини го полнат буџетот на општините. Според надлежните само лани од концесии биле наплатени 9.5 милиони евра кои овозможиле вработување на 590 лица . Последните три години приходите се зголемени за 2,5 милиони евра. Електронскиот систем ја направил постапката ефикасна и транспарентна, сметаат во ресорното министерство.
Голем е интересот за концесија за експлоатација на минералните суровини.Електронскиот систем за јавно надавање ја поедностави постапката и за двете страни вели Александра Марковска советник во Министерство за економија.
Досега се доделени 332 концесии за експлоатација со рок од 30 години и 100 концесии за детални геолошки истражувања со важност од две до шест години.
Оние што ќе откријат индикации за нови наоѓалишта ќе треба да продолжат со истражувања за да се отворат нови рудници, вели Коста Јованов раководител во секторот за минерални суровини
Мермерот го има во централниот дел, металните и неметалните руди во источниот дел. Ова парче кристален гипс го има само кај нас и во Мексико. Експертите велат Македонија е богата со руда но не е доволно истражена.
Дијана Ценевска
