Започна гласањето во вториот круг од локалните избори
Во 7 часот почна гласањето на вториот круг од седмите локални избори од осамостојувањето на државата. Се гласа во вкупно 44 општини. Право на глас имаат 1.353.990 избирачи на 2.481 избирачко место...

Започна гласањето во вториот круг од локалните избори. Ќе се изјаснуваат 1.353.990 граѓаните во 44 општини и Градот Скопје, каде што во првиот круг ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство за избор на градоначалник. Денеска граѓаните ќе одлучат на кој од двајцата првопласирани кандидати ќе му ја дадат довербата да ја води општината, односно Градот Скопје во наредните четири години.
За да се забрза постапката на гласање Државната изборна комисија упати препораки за работа на избирачките одбори. Се препорачува еден член или заменик на избирачкиот одбор да излезе пред гласачките места, односно објектот доколку има повеќе места за гласање и да им помогне на граѓаните и да ги упатува до нивното гласачко место поради намалување на редот за чекање. Идентификацијата на гласачот да се врши истовремено и со уредот и со изводот од избирачкиот список.
Повторување на гласањето за градоначалник и за совет има на едно избирачко место (0543) во Дебар, а се прегласува и на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари за членови на совет. Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг на изборите на 17-ти октомври.
Денеска нема гласање за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање во првиот круг од изборите да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во избирачкиот список. За овие две општини ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани, бидејќи за нив не е потребен цензус.
