Мирно и непречено тече гласањето во Куманово и Старо Нагоричане
Без проблеми, засега тече гласањето во Куманово и Старо Нагоричане. Терминалите за отпечаток на прст овој пат функционираат. Излезноста споредено со првиот круг до 11 часот, е двојно зголемена.

Мирно и непречено тече изборниот процес во североистокот. Гласањето во најголемата општина во земјава почна навреме. До 11 часот правото на глас во Куманово го оствариле вкупно 13,08 проценти од гласачите, односно 10.091 лице, покажуваат податоците на Државната изборна комисија. Споредено со излезноста во првиот круг, гласањето е двојно зголемено.
„Поголеми проблеми немаме, тековно се одвива гласањето во најдобар ред засега. Сите се отворени нема застој тие се информирациите од нашите претседатели на избирачките места. Проблеми инциденти се уште нема, со терминалите исто така се е во ред“, вели Бранкица Димковиќ, претседателка на ОИК Куманово.
Во Куманово се гласа на 167 избирачки места, а право на глас имаа вкупно 93.986 граѓани.
„Ова избирачко место 1019 почна на време, немавме проблеми, досега тече се нормално. Апаратите овој пат работат нормално, засега имаме околу 11 проценти од гласачите излезеност, нормално се одвива гласање“, вели Љутвие Весели, потпретседател и.м 1019.
„Местото навреме го отворивме точно во 07 часот, досега немаше никакви проблеми, имаме 924 гласачи, досега излезноста е 193 гласачи. Си доаѓаат постојано имаме движење на гласачите“, вели Габриела Бошковска, претседател и.м 1058.
И во Старо Нагоричане изборниот процес се одвива мирно и без проблеми. До 11 часот излезноста изнесува 16,79 отсто, односно правото на глас го оствариле 547 лица. Во оваа општина денеска можат да гласаат вкупно 3.262 лица, на 38 избирачки места.
Елена Георгиевска
