Во Куманово се гласа без проблеми
Мирно, без нерегуларности и инциденти тече изборниот процес во североистокот. Во Куманово право на глас имаат 93.986 граѓани. Кумановци се надеваат дека идниот градоначалник ќе овозможи подобри услови за живот.

Мирно, без проблеми, во фер и демократска атмосфера тече гласањето во Куманово и Старо Нагоричане. Терминалите за отпечаток на прст во вториот изборен круг функционираат. Пред избирачките места нема поголем метеж. До 15 часот, правото на глас во Куманово го оствариле вкупно 29,60 отсто проценти од гласачите, односно 25.832 лица. Од општинската изборна комисија потврдуваат дека гласањето тече во најдобар ред, инциденти нема.
„Поголеми проблеми немаме, тековно се одвива гласањето во најдобар ред засега“- вели Бранкица Димковиќ, претседателка на ОИК Куманово.
Во Куманово се гласа на 167 избирачки места, а право на глас имаа вкупно 93.986 граѓани.
„Досега се оди во најдобар ред, нема никакви проблеми, апаратите со отисоци нормално функционираат се е регуларно“- вели Маса Авдим, претседател на и.м 1058/1.
„Досега нема никакви проблеми, се тече во најдобар ред“-дополни Јадранка Бојковска, претседател и.м 1011.
Кумановци се надеваат дека идниот градоначалник ќе овозможи подобри услови за живот.
„Да ни биде поубав, почист град, да имаме културни институции, образованието да е на повисоко ниво, чесноста и одговорноста да бидат негова најголема убавина“-вели еден кумановец.
И во Старо Нагоричане изборниот процес се одвива мирно и без проблеми. Во оваа општина право на глас имаат 3.262 лица, на 38 избирачки места.
Елена Георгиевска
