Околу 200 земји учествуваат на самитот за климатски промени во Глазгов
Последна шанса за Земјата. Шкотската престолнина Глазгов домаќин на 200 држави за да се запре топењето на глечерите, киселоста на морињата, користењето на фосилните горива. Ќе се намали ли прегревањето на планета?

Околу 200 земји ќе учествуваат на самитот за климатските промени во Глазгов. Во најголемиот град во Шкотска пристигнуваат и илјадници активисти од цел свет за да извршат притисок врз светските лидери да ги исполнат своите ветувања за намалувањето на штетните емисии на гасови. Самитот беше одложен една година поради пандемијата.
„Протестот е организиран на Ноќта на вештерките и е насловен како „Запрете го климатскиот хорор“. Тоа го искусивме за време на летото кога имаше поплави и пеколни температури. Хоророт продолжува и во земјите во развој каде што има полоши услови за справување со климатските вонредни состојби.“
За настанот се мобилизирани десет илјади полицајци. На двонеделната климатска конференција се очекуваат 30.000 луѓе. За многумина, средбата е клучна за иднината на планетата.
„Во Глазгов, Шкотска, почнува самитот за климатски промени на ОН, КОП26. Да се помолиме за да се слушнат крикот на Земјата и крикот на сиромашните и овој состаНок да даде ефективни одговори кои нудат конкретна надеж за идните генерации“, изјави папата Франциск.
Претходно, учесниците на Самитот на Г-20 во Рим успеаја да се договорат да го ограничат глобалното затоплување за 1,5 степени Целзиусови преку преземање национални мерки.
Маја С. Филдишев
