Заврши откупот на винското грозје
Просечна родна година на винското грозје. Откупени се нешто повеќе од 100 милиони килограми и тоа поголем дел од црвените сорти. Според Државниот инспекторат за земјоделство, Смедеревката достигнала цена од 10, а Вранецот од 12 денари за килограм.

Вкупниот род на винското грозје годинава е во рамките на просечните годишни количества и тежи 104,4 милиони килограми. До 20 -ти октомври од лозарите се откупени 79,2, а винариите од сопствените насади собрале 21,8 милиони килограми винско грозје. Според Државниот инспекторат за земјоделство на странските пазари се извезени 3, 4 милиони килограми.
Останува мал дел од таканаречената доцна берба за која се проценува дека ќе тежи најмногу до 400 илјади килограми, со што оваа сезона, вкупната евидентирана реколта ќе биде околу 105 милиони килограми грозје.
Поголемиот дел од вкупното количество преземено винско грозје е од сортата Вранец со 42, 2, а од Смедеревкта се откупени 31,5 милиони килограми.
Просечната откупна цена на Вранецот е 12, а за Смедеревката скоро 10 денари за килограм, додека од државата на лозарите им се ветени дополнителни 2 денари помош за сите сорти грозје.
Лани беа исплатени 20 милиони евра за лозарството, дел за субвенции, а дел преку поддршката за производителите од Ковид пакетите.
Методија Трајков
