Даштевски: Успешно спроведени избори
Државната изборна комисија ги објави првичните резултати од вториот круг. Изборите оценети како успешни, со изолирани инциденти, кои не биле организирани. Надминат проблемот со биометриската идентификација на гласачите. Излезноста слична како и пред две недели...

Успешно спроведен изборен процес, еден од најтешките во историјата, вака претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски ги оцени седмите локални избори во државата.
Вториот круг минал во фер и демократска атмосфера со регистирани неколку нерегуларности. За разлика од првиот круг, во вториот само во 10 избирачки места беа забележани технички проблеми со фингерпринт апаратите. ДИКима рок од 12 часа да ги објави официјалните резултати од гласањето.
Според првичните неофицијални резултати во вториот круг ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ освои 20 градоначалници, вкупно 42 на овие избори, Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ, доби уште 7 градоначалнички места, односно вкупно 16. Демократската унија за интеграции ќе предводи вкупно 10 општини. Коалицијата Алијанса за Албанците - Алтернатива има градоначалници во Врапчиште и Гостивар, а Беса во Желино и Тетово. ГРОМ доби градоначалник во Карпош, ДПА во Студеничани, а коалицијата на ЛДП и ДОМ освои градоначалничко место во Шуто Оризари. Независните победија во Скопје, Куманово и Дебарца.
Ова се први избори на кои се гласаше со таканаречените фингерпринт апарати. Во првиот круг од локалните избори поради голем број на технички проблеми кои резултатираа со метеж и долги редици на гласачките места, државната изборна комисија донесе одлука за половина час да го продолжи изборниот молк. Во вториот, беа забележани технички проблеми на само 10-тина избирачки места.
Викторија Милевска
