СДСМ призна пораз, Заев поднесе оставка
СДСМ го призна поразот. Заев ја презеде одговорноста на себе и поднесе оставка од премиерската и партиската позиција. Рече дека имало многу пари на терен кај опозицијата, дојдени доминантно од надвор, но и од домашни бизнисмени, дадени заради политички, но и економски причини. Заев останува на ставот дека не е време за предвремени парламентарни избори...

Претседателот на владата, Зоран Заев поднесе оставка од премиерската функција, а најави дека нема да раководи ниту со Социјалдемократскиот сојуз. Одлуката ја соопшти по објавувањето на резултатите од вториот круг на локалните избори на кои партијата претрпе пораз. Сепак, Заев најави дека останува во првите борбени редови на матичната партија.
Заев рече дека на изборите биле видливи многу пари на терен кај опозицијата, дојдени од надвор, а пари давале и домашни бизнисмени заради, како што рече - идни лични приватни интереси. Рече дека жали што овие пари се значајна причина за резултатот на изборите. Посочи - на изборите имало и сојуз меѓу жртви и насилници од 27-ми април кои се обединиле без образ, само за власт и пари.
Како успеси од мандатот, Заев ги наброја пописот, влезот во НАТО, пријателствата со соседите, и како што рече можноста за неколку месеци земјата да ги почне преговорите со Европската Унија.
Анита Димитријевска Велковска
