Политика

ВМРО-ДПМНЕ победи, Мицкоски најави промени

01.11.2021 12:38

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски по исходот од вториот круг, во обраќањето од партискиот штаб најави дека почнува процесот на промени во земјата. Ја обелодени идната соработка со Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица. Ја нарече „една идна коалиција“ која, според него, ќе однесе победа и на следните парламентарни избори...

Убедлива победа и ден кога почнуваат промените за подобра Македонија - порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Заблагодарувајќи се на поддршката од сите опозициски партии, рече дека со соработката покажале оти е возможен еден широк опозициски фронт, со кој се воспоставуваат основи за идна соработка и идна владина коалиција, врз база на принципи и вредности, на спојување и меѓусебна почит и разбирање. Власта, рече Мицкоски, треба да замине и тоа треба да се случи на предвремени избори.

„Покажавме дека и покрај разликите сепак можеме да се обединиме околу заедничка цел. Македонија без корупција која ќе се развива и оди напред. Македонија во која ќе се бориме да биде интегрирана во ЕУ. На стабилен систем каков што немаме. Тоа докажува дека еден опозициски блок е речиси сосема извесен дека ќе однесе огромна победа на следните парламентарни избори кои е многу веројатно дека ќе бидат предвремени“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски посочи дека победиле на локалните иако имало низа нерегуларности во изборниот процес. На идните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата им порача – ниту за секунда да не го разочараат народот, да заборават на привилегиите кои ги носи функцијата , да ги засукаат ракавите и веднаш да почнат со решавање на проблемите на граѓаните.

„Заборавете на матни тендери, договори во четири очи, што се одлика на власта во заминување и никогаш не заборавајте од каде доаѓаме и од каде сме сите ние и од каде почнавме. Јас ќе бидам најверната сенка во работа и ваш пријател, но и нај остриот критичар доколку не успеете. Овој народ заслужи и мора да види разлика и резулати, а народот мора да знае дека зад секој мој збор, кажан во кампањата, ќе стојам до последната запирка“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицскоски посочи- борбата продолжува, нема запирање, власта го губи кредибилитетот. Има многу работа и испорачување на резултати.

 

Наташа Гркова Петрушевска