Данела Арсовска победи во Скопје
За првпат во 30 години независна држава, Скопје доби жена градоначалник. Арсовска се заблагодари за поддршката и вети реализација на проектите. Сѐ уште актуелниот градоначалник на метрополата Шилегов, го призна поразот и ја честиташе победата на Арсовска. На заминување со порака- проектите што зад себе ги оставивме, не може никој да ги избрише...

Прв пат по осамостојувањето, главниот град доби жена градоначалничка. Данела Aрсовска со 28 илјади гласови разлика ја доби довербата на скопјани. Иако имаа исти цели за исти проблеми со досегашниот градоначалник Шилегов, сепак, решенијата беа дијаметрално спротивни. Скопјани одлучија наместо на трамвај на тркала, да му дадат глас на предлогот за еко автобуси и целосно бесплатен градски превоз. Избраа развој на „заборавените населби“, наместо интензивно развивање на северниот дел на градот. Заокружија за пет мегапаркови и 100.000 нови садници годишно, наместо паркови само во Карпош и Сарај.
„Не можам да ја изразам мојата радост, не можам да ја изразам мојата почит, не можам да изразам зборови за тоа што сите вие скопјани ја поддржавте мојата визија, ги поддржавте проектите кои што ги истакнав во оваа кампања, меѓутоа пред сѐ што одбравте да верувате на човечноста, што истакнавте дека сте против црните кампањи и што ми ја дадовте вашата доверба во следните четири години да го водам градот Скопје и да бидам ваш човек во градот“, изјави Арсовска
На крајот на мандатот кој што ми беше доверен во 2017 година, успеавме да го свртиме Скопје во еден обратен правец од кој што враќање назад ќе нема, рече на последната прес конференција Петре Шилегов кој не успеја да ги убеди скопјани да му дадат втор мандат. И честита на Арсовска за победата.
„Оставивме неизбришливи трагови, нашите булевари, нашите мостови, нашите кејови, зелени кровови никој веќе нема да може да ги избрише. Драго ми е што Скопје го оставивме во позиција да едноставно неговиот развој мора да помине. Ние ќе бидеме тука и понатаму за сите прогресивни сили за Скопје, да ја продолжиме борбата за Скопје да продолжи да расте во еден развиен и во еден модерен град и нема да дозволиме да се случуваат силувања на градот како во минатото“, изјави Шилегов.
По завршувањето на гласањето, во Државната изборна комисија течат роковите за поднесување приговори за вториот изборен круг. Потоа следува официјалното соопштување на резултатите.
Катерина Топалова
