Македонија

Оставката на Заев сѐ уште не стигнала до Собранието

01.11.2021 14:32

Оставката на Зоран Заев од премиерската позиција сѐ уште не е доставена официјално до Собранието. Согласно Уставот, откако ќе се констатира оставката во парламентот, претседателот на државата е должен во рок од 10 дена мандатот да му го довери на мандатар кој ќе приложи дека има мнозинство од 61 пратеник. ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори...

Oставката на премиерот Заев сѐ уште не стигнала до спикерот Џафери за да почне процедурата во Собранието. На редовниот состанок, координаторите на пратеничките групи само констатирале дека четворица пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и по еден од СДСМ и од Беса станале градоначалници, но седницата за верификација ќе биде по објавување на конечните резултати.

Според Уставот, оставката на премиерот повлекува и оставка на целата влада. Шефот на државата во рок од 10 дена треба да му врачи мандат на оној кој обезбедил мнозинство од 61 пратеник во законодавниот дом. Од кабинетот на шефот на државата посочуваат дека Пендаровски официјално не е информиран од Џафери дека премиерот поднел оставка.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, велат дека по локалните избори власта е делегитимирана па затоа бараат и предвремени парламентарни избори. Работите ќе станат појасни, а процедурите и наредните чекори ќе се знаат откако ќе стигне оставката на Заев во Собранието, вели Мицевски.

Премиерот Заев ги повикал во Владата на состанок лидерите на коалиционите партии, Ахмети, Касами и Тачи. По поразот и во вториот круг, Заев сепак нагласи дека престојат две и пол години за работа на извршната власт од кои корист ќе има народот и државата.

Игор Панов