Политика

Франкофонскиот печат со реакции за оставката на Заев

01.11.2021 15:46

Францускиот и франкофонскиот печат ја пренесоа веднаш веста за оставката на премиерот Заев по поразот на локалните избори, настан кој според нив е редок за земјата и регионот. Поразот на СДСМ, француските медиуми го објаснуваат со падот на популарноста на Заев, чија влада не беше поштедена од афери, што веројатно делумно го објаснува и резултатот од изборите...

За париски „Ле Монд“, оставката следува откако левичарската партија СДСМ го загуби главниот град Скопје и повеќето поголеми градови во земјата. Но, притоа парискиот угледен весник додава  дека премиерот во оставка, Зоран Заев, одбива да организира предвремени парламентарни избори.

За француското меѓународно радио РФИ, недовербата е голема кон Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кој го губи главниот град Скопје, но и речиси сите поголеми градови во државата во корист на конзервативните националисти од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, во рамките на албанската заедница, ДУИ, кој е помалиот партнер на владината коалиција, исто така го губи своето упориште во Тетово.

Следствено на ова „зашеметен од неочекуваните размери на овој пораз, премиерот Зоран Заев во неделата вечерта поднесе оставка од сите свои функции, втурнувајќи ја кревката мала земја во нова фаза на неизвесност“, нагласува РФИ.

Швајцарските „24часа“ и „Ле Матин“ сметаат дека Заев приреди изненадување со неговата оставка синоќа и дека тоа е „редок настан во земјата и регионот“.

Парламентот допрва треба да ја потврди оваа оставка, објаснува париски „Ле Монд“, кој исто како и другите медиуми потсетуваат дека Заев беше избран за премиер во 2017-та година, кога стави крај на десетгодишното владеење на Никола Груевски и неговата десничарска партија, ВМРО-ДПМНЕ, потресени од скандалот со нелегалното прислушување што се чинеше дека ја одразува неконтролираната корупција.

Француските медиуми потсетуваат на договорот склучен со Грција за промена на името, склучен од Заев, кој во принцип треба да ја отвори вратата за преговори за пристапување на земјата во Европската унија. Но, Северна Македонија последователно наиде на неподготвеност од Франција и Бугарија и допрва треба да ги започне овие преговори. Софија, која се заканува да ги блокира преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, Софија и Скопје имаат спор околу потеклото на македонскиот јазик, при што Софија го гледа како бугарски дијалект, како и околу некои историски личности, оди подалеку во објаснувањето „Ле матин“.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ