Ковид-19

Скрининг на средношколците во Куманово, евидентиран еден позитивен ученик

01.11.2021 15:50

Во североистокот се спроведува скринингот на учениците. Од Центарот за јавно здравје информираат дека нивни екипи ги посетуваат средните училишта во Куманово. Утринава е евидентиран и еден позитивен ученик...

Тече скринингот на учениците во североистокот. Екипи на Центарот за јавно здравје започнаа со тестирања на средношколците, а од наредните денови ќе ги посетуваат и основните училишта во Куманово и Липково. Учениците се бираат по случаен избор, по што се бара согласност од родител. Со скринингот е предвидено да се опфатат 1.000 ученици во овој регион, но засега согласност има за 730 ученици. Утринава е евидентиран и еден позитивен ученик во техничкото училиште.

„Сите резултати се негативни освен еден резултат кој добивме позитивен ученик во техничкото училиште „Наце Буѓони“. Ќе го повториме тестот со ПЦР во текот на овој ден, но сите протоколи за позитивен ученик кои се однесуваат така и ќе се почитуваат. По направена анкета ќе се прави изолација на најблиските контакти на ученикот“, истакна Јадранка Стаменковска, епидемиолог Центар за јавно здравје Куманово.

Скринингот во Куманово се спроведува  во средното училиште „Перо Наков“, гимназија „Гоце Делчев“ и техничкото „Наце Буѓони“. Активностите за превентивни тестирања се со цел рано детектирање и превенција од ковид во училиштата. Скринингот се спроведува со брзи антигенски тестови. По одлука на Министерството за здравство, Куманово е меѓу градови во кои ќе се тестираат најголем број ученици. Тестирањето трае помалку од една минута, а е безболно и безбедно.

 

Елена Георгиевска