Аналитичари: По оставката на Заев, државата е во политичка криза
Политичките експерти оценуваат дека и во случај на формирање на ново парламентарно мнозинство, ситуацијата на долг рок ќе биде неодржлива. Во јавноста веќе се вртат комбинаторики за понатамошниот развој на настаните...
По вчерашната објава на оставката на премиерот Заев- државата е во политичка криза, согласни се политчките експерти. Во јавноста веќе се вртат комбинаторики за понатамошниот развој на настаните. Експертите оценуваат дека и во случај на формирање на ново парламентарно мнозинство, ситуацијата на долг рок ќе биде неодржлива. Имаме парламентарен состав во кој мнозинстата од двете страни би биле многу тенки, потребни се нови парламентарни коалиции или да се задржат или да се формираат, за да има нова влада – оценува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
„Во основа има две големи опции. Едната е предвремени парламентарни избори, а втората е нова влада во сегашен состав на Собранието, со што втората опција има неколку подваријанти. Едната е сегашното мнозинство да продолжи да владее, да се формира ново парламентарно мнозинство од опозицијата или да се оди на некаква широка експертска влада. Со тоа што доколку се оди на предвремени, дали да се причека да се реши спорот со Бугарија, па потоа“, изјави аналитичарот Арсовски.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски очекува понудената оставка, т.е. мандатот да биде вратен на Социјалдемократскиот сојуз, бидејќи во моментов имаат парламентарно мнозинство, потоа да следи избор на нов претседател на партијата, кој треба да се обиде да формира ново парламентарно мнозинство и да формира влада. Божиновски не прогнозира долг рок на така поставените односи на политичката сцена.
„Не верувам дека таа влада ќе успее да опстане до следните парламентарни избори, туку, претпоставувам дека ќе треба да се реши на некои нови парламентарни избори, за кои сметам дека најрано може да бидат во јуни следната година. Доколку сега се распишат парламентарни избори, ќе значи ново целосно закочување на нормално функционирање на државата, во пресрерт на нов бран на пандемијата и најава за економско енергетска криза“, нагласува аналитичарот Божиновски.
За двајцата аналитичари клучни се предвремени парламентарни избори за излез од политчката криза која предолго трае.
Марина Стојанова- Тонева
