Локални избори

ОДИХР: Вториот круг компетитивен, негативната реторика продолжи да влијае

01.11.2021 16:16

Меѓународните набљудувачи укажаа дека е потребно да се усвои изборен кодекс и дека многу малку жени биле кандидати за градоначалници. Добиле извештаи за притисок врз гласачите вклучувајќи јавни службеници да гласаат за одредени кандидати, притисок врз кандидатите, обиди за купување на гласови...

Вториот круг од локалните избори беше компетативен и учесниците генерално можеа слободно да учествуваат во кампањата и да ги соопштат своите пораки, но негативната реторика продолжи да влијае на изборната кампања, ова е прелиминарната оценка на набљудувачите од ОДИХР за вториот круг од локалните избори.

„Вториот круг од локалните избори се карактеризираше со компетативна кампања во која фундаменталните слободи беа почитувани, но негативната реторика и извештаите за заплашување на кандидатите и притисок врз гласачите потенцијално го одвлекуваше вниманието од избирачкиот процес. Државната изборна комисија направи напори да ги подобри недостатоците забележани во првиот круг, па вториот круг се одвиваше глатко, иако некои прашања продолжија во справувањето со поплаките што ги подкопа ефективните мерки за нивно надминување. Забележавме дека сите учесници ги прифатија резултатите“, изјави Тана де Зулуета- шефица на набљудувачката мисија на ОДИХР.

Меѓународните набљудувачи укажаа дека е потребно да се усвои изборен кодекс и дека многу малку жени биле кандидати за градоначалници. Добиле извештаи за притисок врз гласачите вклучувајќи јавни службеници да гласаат за одредени кандидати, притисок врз кандидатите, обиди за купување на гласови, не биле објавени извештаи за донации за кампањата што не било сакционирано и ја намалило транспарентноста на изборниот процес.

Медиумското известување било генерално неутрално. Според набљудувачите во вториот круг продолжиле одредени технички потешкотии со биометриската идентификација на гласачите. Конечниот извештај за локалните избори ОДИХР ќе ги објави за два месеца.

Ирина Гелевска