ДИК: Успешен изборен процес, тече рокот за приговори
Изборите поминаа мирно во демократска и фер атмосфера, оцени првиот човек на Државната изборна комисија, Александар Даштевски. Град Скопје и 43 општини добија градоначалници во вториот круг. Течат роковите за приговори. ДИК има рок од 12 часа да ги објави официјалните резултати од гласањето...

Успешно спроведен изборен процес, еден од најтешките во историјата, вака претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски ги оцени седмите локални избори во државата. Вториот круг минал во фер и демократска атмосфера со регистирани неколку нерегуларности. За разлика од првиот круг, во вториот само во 10 избирачки места беа забележани технички проблеми со фингерпринт апаратите. ДИК има рок од 12 часа да ги објави официјалните резултати од гласањето.
Според првичните официјални резултати, во вториот круг ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги дуплираше освоените градоначалнички места. Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ, има вкупно 16. Течат роковите за приговори до Државната изборна комисија за текот на гласањето и сумирањето на резултатите.
Ова се први избори на кои се гласаше со таканаречените фингерпринт апарати. Во првиот круг од локалните избори поради голем број на технички проблеми кои резултатираа со метеж и долги редици на гласачките места, Државната изборна комисија донесе одлука за половина час да го продолжи изборниот молк. Во вториот, беа забележани технички проблеми на само 10-тина избирачки места. Излезност во првиот круг до 19 часот изнесуваше 51, 44 %, во вториот излезноста е приближно иста.
Викторија Милевска
