Политика

Коалициските партнери на СДСМ бараат Заев да ја преиспита одлуката

02.11.2021 09:20

Коалициските партнери на СДСМ бараат Зоран Заев да ја преиспита својата одлука за оставка на премиерската функција, како и од позицијата лидер на СДСМ. На средба во владата му порачале дека одлуката е избрзана и непотребна...

Европската и реформска агенда на владата мора да продолжи. Немаше ниту еден сомнеж од ниту еден од присутните на состанокот во владата во однос на парламентарното мнозинство во земјата. Сите се и против оставката на премиерот Зоран Заев, рече првиот вицепремиер Артан Груби.

Помалите партии ЛДП, ДОМ, НСДП и ДПА, кои настапија самостојно на локалните избори, најавија дека нема да поддржат формирање на ново парламентарно мнозинство во Собранието, ниту пак се сложни за одржување на предвремени парламентарни избори. Се соочуваме со енергетска криза и сѐ уште трае ковид пандемијата, изјави пратеничката Маја Морачанин од ДОМ. И партијата на Мендух Тачи, ДПА, со став дека актуелната влада има легитимитет. На иста линија е и Тито Петковски од НСДП, кој исто така смета дека не треба да има предвремени парламентарни избори.

Премиерот Зоран Заев си поднесе оставка од двете функции откако беа објавени резултатите од вториот круг на локалните избори во земјава.

 

Александра Спировска