Парите од ИПАРД 2 целосно ќе се искористат
Финансиските средства од ИПАРД програмата ќе бидат искористени речиси во целост, велат од ресорното министерство. Преку овој фонд во македонското земјоделство за седум години се инвестирани 60 милиони евра. Од 2022-ра се очекува да почне користењето и на парите од ИПАРД 3 програмата, со која се обезбедени нови 97 милиони.

Од ИПАРД 2 ќе бидат искористени сите расположливи средства, очекуваат од Министерството за земјоделство. Вкупниот буџет е 60 милиони евра кои безмалку се целосно распределени за инвестиции во македонскиот аграр и производството на храна.
Според Платежната Агенција интересот за европските пари е голем и се настојува да се искористи секое евро. Деновиве се работи на проверка и на одобрување на апликациите од последниот јавен повик што заврши во септември. Обезбедени се 13,5 милиони, а се пристигнати 250 апликации со кои се бараат вкупно 32 милиона евра.
Првиот јавен повик од ИАРД програмата беше објавен во 2017 година и досега има вкупно седум, со 4.160 пристигнати апликации и 2.094 склучени договори со што се покриваат сите понудени средства, објаснуваат од агенцијата.
Конечната верзија на ИПРАД 3 треба да биде доставена во Брисел на 15 ноември и да се усвои од Европската комисија во декември или пред крајот на годинава. Користењето на парите ќе почне со првите јавни повици кон средината на 2022, а последните исплати ќе може да се реализираат до 2030 година. Вредноста на ИПАРД 3 е 97 милиони евра за период од седум години.
Методија Трајков
