Новинарите на протест: Правдата за 27-ми април е селективна
Новинари, ЗНМ и Синдикатот оставени се сами на себе да ја бараат правдата пред надлежните судови кои покажаа различен аршин. Велат, правдата за 27-ми април е селективна. Посочија дека и изборниот процес го обележаа низа на инциденти во делот на новинарската работа...

Дел од насилниците од 27-ми април добија амнестија, во име на бескрајните политички договори, а некои не се ниту идентификувани. Дел од политичарите добија судска сатисфакција. Новинарите повторно добија уште една порака. Спречени се да ја вршат својата работа онака како што заслужуваат граѓаните. Правдата за 27-ми април е селективна. Ова се нивните пораки и револт, како што кажаа, поради правосудниот систем што според нив е инструмент за спречување или поттикнување општествени неправди.
„Не може да се случат суштински и општествени промени, ако судството и медиумите не се ослободат од политиката. Ниту пак можеме да им служиме достоинствено на граѓаните“, изјави Младен Чадиковски.
Новинарите, и ЗНМ и Синдикатот оставени се сами на себе да ја бараат правдата пред надлежните судови кои покажаа различен аршин. Не ги видоа насилниците, ниту во државата којашто не ги заштити.
„Преку законски, системски решенија можеме да зборуваме за слободата на иннформирањето, односно и во пракса да покажеме дека европските вредности, за кои често зборуваме, можат да бидат имплементирани“, рече Павле Беловски.
Новинарката Мрѓа вели дека и по повеќе од четири години, напаѓачот не е идентификуван.
„За разлика, напаѓачите на политичарите, дел се осудени, дел правосилно, дел неправосилно, на дел им се намалија казните, а дел беа и амнестирани согласно политичките пазари“, изјави Душица Мрѓа.
И изборниот процес го обележаа низа на инциденти во делот на новинарската работа. Врз новинарите имало и вербални напади, закани и притисоци. Нешто што се повторува во секој изборен циклус, велат од ЗНМ.
Александра Спировска
