Туризам

Оптимистички најави за следната туристичка сезона

02.11.2021 13:24

2021-ва беше уште една година на преживување за туристичкиот сектор. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот велат дека до крајот на годинава бројката на ноќевања ќе достигне помеѓу 2,2 и 2,3 милиони, колку што било и планирано. За наредната година најавите влеваат повеќе оптимизам и поголем број странски гости...

Иако туристичката сезона во 2021-ва беше многу куса, заклучно со август се евидентирани 1,8 милиони ноќевања, а до крајот на годината се очекува таа бројка да достигне помеѓу 2,2 и 2,3 милиони ноќевања. Резултатите ќе беа далеку подобри доколку некои европски земји во шпицот на летната сезона не воведеа рестриктивни мерки за своите граѓани заради Ковид 19,поради што оствареното е блиску до бројките од 2 015-тата.Се очекува наредната туристичка сезона да трае подолго,а најавите говорат дека бројот на странските туристи ќе биде далеку поголем.

„Од страна на ТУИ-Интернешнал,ТУИ-Холандија, се најавени 4 до 6 лета неделно во текот на летниот период,ТУИ Белгија два лета  неделно во текот на летниот период,исто така ТУИ Полска кое што ќе биде сервисирано со половина лет од страна на ЛОТ за Охрид и дополнително веќе мислам вчера дојде и првата птврда дека ТУИ ЈУ КЕЈ ќе лета со еден лет неделно за 2 022 за Охрид“, изјави Љупчо Јаневски- директор на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот.

Покрај тоа се очекува да привршат договорите за чартер летовите од Москва и Санкт Петербург за Охрид,а има најави кои што треба да се потврдат во јануари и фебруари за чартери од Измир,Истанбул и Анкара што ќе придонесе бројот на ноќевањата да се зголеми на 2,5 милиони.Што се однесува до подршката на туристичкиот сектор од Агенцијата велат дека треба да се направи подлабока анализа на мерките од 2020-тата и 2021-та и заеднички со коморите и туристичките работници да се договорат дополнителни мерки за наредната година.

„Ако ги гледаме крајните бројки тие нема да изгледаат толку лошо,но сепак во одредени делови на туризмот  треба да се интервенира,пред се во хотелите и другите сместувачки капацитети“, рече Јаневски.

Сепак докажавме дека нашата земја е безбедна дестинација за патување што е резултат на мерките кои што ги презедоа државата и хотелско-угостителскиот сектор,вели Јаневски,кој посочи дека тестирањето на 1.500 холандски туристи по враќањето во нивната земја покажало дека ниту еден не бил позитивен на Ковид- 19.

 

Сашо Нелоски