КОП26: Крај на дефорестацијата до 2030 година
Лидерите на самитот во Глазгов со нова цел – крај на дефорестацијата до крајот на деценијата. За спас на шумите ќе одвојат 19 милијарди долари. Со создавање на одржлива трговија ќе ги развиваме економиите, а во исто време ќе го намалиме притисокот врз шумите – порача британскиот премиер Џонсон.

Над 100 светски челници кои се дел од климатската конференција во Глазгов ветија дека до крајот на деценијата ќе го запрат уништувањето на шумите и почвата. За оваа цел ќе обезбедат 19 милијарди долари од јавните и приватните средства.
„За оваа декларација не е важна само бројката на земјите кои ќе соработуваат, туку и тоа што ќе работиме заедно со приватниот сектор, со филантропи, домородни заедници и со мештаните за да дискутираме за економските двигатели за дефорестацијата. Знаеме дека 80% од тропската дефорестација се резултат на глобалната трговија со земјоделски производи така што Британија и Индонезија ги собраа заедно земјите кои ги произведуваат и конзумираат овие производи со цел да договорат план за одржлива трговија за да можеме во исто време да ги развиваме економиите и да го намалиме притисокот врз шумите“, изјави британскиот премиер, Борис Џонсон.
Декларацијата ја поддржа и Бразил, кој спаѓа во земјите со големи пошумени области. Според непрофитната организација ВРИ, шумите апсорбираат околу 30% од емисиите на јаглерод диоксид. Но, оттаму предупредуваат дека овој т.н. „природен климатски тампон“ постепено исчезнува.
„Бразил е дел од решението за надминување на глобалниот предизвик. Постигнатите резултати на нашата земја до 2020 година ни покажуваат дека можеме уште повеќе да ја зголемиме амбицијата“, рече Жаир Болсонаро, претседател на Бразил.
Една од главните цели во Глазгов е одлуката за ограничување на растот на температурата до максимум 1,5 степени во однос на прединдустрискиот период. Според научниците, состојбата со шумите игра витална улога за оваа цел.
„Два степена се смртна казна за народите на Антигва и Барбуда, за Малдивите, Доминика и Фиџи, за Кенија и Мозамбик, но и за Самоа и Барбадос. Ние не ја сакаме оваа ужасна смртна казна. Овде сме за да се потрудиме што е можно повеќе бидејќи нашите луѓе, климатската армија, светот и планетата сакаат реакција сега, а не идната година, не во идната деценија“, нагласи Миа Мотли, премиерка на Барбадос.
Сличен документ за дефорестација беше и Њујоршката декларација за шуми од 2014 година која ја потпишаа 40 земји, но меѓу нив не беа некои од клучните како Бразил и Русија. Спогодбата не успеа, а според извештај од 2019 година, уништувањето на шумите продолжило да се одвива со забрзано темпо.
Маја С. Филдишев
