Не се знае кога Заев ќе ја достави оставката до Собранието
Сѐ уште не се знае кога премиерот Заев ќе ја достави оставката до Собранието, која ја најави по поразот на локалните избори. Опозицијата е за формирање ново парламентарно мнозинство, но не по секоја цена. ВМРО-ДПМНЕ смета дека се потребни предвремени парламентарни избори. Коалициските партнери по средбата со премиерот, јавно потврдија дека остануваат во владиното мнозинство и дека се против најавената оставка на шефот на Владата...
До Собранието сѐ уште не е доставена оставката на премиерот Заев. Тој во неделата, по вториот круг на изборите најави дека ќе поднесе оставка од двете функции, и во владата и во СДСМ. Од опозицијата и сомневаат дека оставката може да заврши како таа на министерот Филипче- да биде поднесена за да не биде прифатена. Побараа распишување на предвремени парламентарни избори.
Засега нема информации ниту кој ќе биде наследникот на Заев и во Социјалдемократскиот сојуз. Членови и симпатизери на партијата почнаа иницијатива за собирање на потписи за да го предомислат Зоран Заев во намерата да си дада оставка.
Реакции по оставката на премиерот Заев стигнаа и од Стејт департментот и од Европската комисија. САД очекуваат да ја продолжат соработката со Македонија во областите од заеднички интерес.
Американската амбасада ги следи настаните по вториот круг локални избори, вклучувајќи ја и најавата за оставка од премиерот Зоран Заев, се вели во изјавата од портпаролот на Стејт Департментот.
„САД ја сметаат Северна Македонија како доверлив и ценет партнер во регионот, и со нетрпение очекуваат да продолжи соработката со владата на Северна Македонија во областите од заеднички интерес додека го продолжува напредокот што го постигна кон евроатлантската интеграција“, стои во дописот.
Европската комисија пак се воздржува од коментар за најавата на премиерот Зоран Заев дека поднесува оставка, поради резултатите на локалните избори. Оттаму кусо коментираа дека земјата „треба да продолжи со реформите за ЕУ“, без повеќе детали.
Вчера на средба во Владата, премиерот Заев разговараше со колационите партнери. Заклучија дека владиното мнозинство е стабилно и дека нема потреба за предвремени парламентарни избори. Коалиционите партнерии го повикаа премиерот Заев да ја повлече оставката.
Викторија Милевска
