Расте бројот на заболени со Ковид-19
Минатата недела најголем раст на новозаболени имало кај населението од 20 до 29 години, и тоа за 11,4 отсто повеќе во однос на претходната недела. Во моментов се хоспитализирани 476 лица...

Откако неколку дена се бележеше тенденција на опаѓање, вчера беше забележан повторно раст на заболени од Ковид-19. Беа регистрирани нови 593 случаи, од вкупно 3.391 тестирања, при што повторно најмногу новозаболени има во Скопје. По Скопје, најмногу новозаболени има во Куманово, Прилеп, Битола, Велес, Кавадарци.
Минатата недела најголем раст на новозаболени имало кај населението од 20 до 29 години, и тоа за 11,4 отсто повеќе во однос на претходната недела. Во моментов се хоспитализирани 476 лица, а од нив 248 се на кислородна поддршка и 8 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.
Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 203.298. Бројот на оздравени пациенти е 189.264, на починати е 7.159. Има вкупно 6.875 активни случаи.
Заклучно со 31 октомври, вакцинирани се вкупно 812.422 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани, со две дози, се вкупно 778.599 лица, а со трета доза се вакцинирани 30.851 лице.
